Талибанците ја преземаа одговорноста за нападот врз резиденцијата на авганистанскиот министер за одбрана, Бизмилах Кан Мохамади во Кабул.
Во нападот загинаа осум лица, а повеќе од 10 беа повредени.
Портпаролот на талибанците, Забиула Муџахид изјави дека цел на оваа организација била резиденцијата на министерот, каде што, како што рече, се одржувал важен состанок, пренесува „Ројтерс“.
Video: TOLOnews’ Hasiba Atakpal reports from the scene of Tuesday’s attack on the residence of the acting defense minister. #Afghanistan pic.twitter.com/BMxGPkpxMK
— TOLOnews (@TOLOnews) August 4, 2021
Полицијата претходно соопшти дека авганистанскиот министер не бил дома кога бил активиран автомобил -бомба и било пукано во близина на неговата резиденција во утврдената Зелена зона во Кабул.
Неговото семејство било безбедно евакуирано, додека четворица напаѓачи се меѓу осумте жртви во судирот што следеше потоа.
Во друга експлозија недалеку од објектот на авганистанската безбедносна агенција во главниот град Кабул, денеска беа ранети двајца цивили и еден службеник во обезбедувањето.
Нападите се случуваат во време на борби меѓу владините сили и талибанците во повеќето авганистански градови, а Советот за безбедност бара итен прекин на насилствата, откако ОН соопштија дека најмалку 40 цивили се убиени во провинцијата Лашкар Гах во претходните 24 часа.