Од денес започнува аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, во месечен износ од 2400 денари за 9 месеци во годината.
Министерството за образование и наука информира дека за субвенциониран студентски оброк можат да аплицираат сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Северна Македонија. Притоа, апликантите треба да ги исполнуваат и следните услови:
-да не се во редовен работен однос;
-да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и
-да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Аплицирањето за субвенциониран студентски оброк се врши исклучиво електронски, преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, каде пополнети и потпишани се прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк. При аплицирањето, студентите задолжително да го погледнат и документот – Насоки за внесување на трансакциска сметка при пријавување за субвенциониран студентски оброк.
МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите.
Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 31 август 2021 година. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 31 октомври 2021 година.
По истекувањето на роковите за пријавување, Министерството за образование и наука ќе го извести секој кандидат за статусот на пријавата по електронски пат, а средствата ќе им се префрлаат на трансакциските сметки на студентите чии апликации се прифатени, на почетокот на секој месец.