Утрински Весник
Македонија

(Видео) Стартува изградбата за брана на реката Отиња во Штип

(Видео) Стартува изградбата за брана на реката Отиња во Штип

Стартува изградбата на најголемиот капитален проект за Штип, а тоа е браната на река Отиња.

Премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на настанот изјави дека сонот стар 60 години за изградба на браната е веќе реалност.

„Ги гледаме првите градежни машини, коишто работат на изградбата на браната. Работиме посветено и остваруваме. Инвестиционата вредност на градбата изнесува 306 милиони денари согласно склучените договори за изведба и надзор. Средствата се обезбедени во Буџетот на Министерството за транспорт и врски за период од 2021 до 2023 година, а рокот на изведба е планиран да изнесува 30 календарски месеци или две и пол години. Со проектот е предвидено да се изведе камено земјена брана со централно глинено јадро со висина од 33 метри“, рече премиерот Зоран Заев на настанот по повод почетокот на изградбата на браната.

Премиерот Заев на настанот на кој се обратија и вицепремиерот Љупчо Николовски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Штип, Сашко Николов, подвлече дека придобивките од оваа инвестиција се бројни.

„Браната на река Отиња на Штип ќе му донесе промена на климата, заштита на градот од поплави, но и место за рекреација. Ќе се намалат високите летни температури, но и ќе влијае на зголемување на зимските температури. Дополнително се создава биолошки минимум во коритото на река Отиња, а ќе се користи и за наводнување на зелените површини. Ова ќе биде место за рекреација на штипјани, но и на сите наши граѓани во државата. Ќе биде можност за иден развој на градот во наредните години и децении. Плановите тука не застануваат, во втора фаза веднаш после изградбата ќе ја разработуваме и можноста за овој објект да произведува електрична енергија, а со тоа да стане и самоодржлив. Од економски аспект, планираниот проект особено за време на градежната фаза ќе придонесе за проширување на локалната економија, директно преку нови можности за вработување. Се проценува дека околу 200 лица ќе бидат ангажирани за времетраење на градежната фаза“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот Николовски, во своето обраќање истакна дена истокот се претвора во регион каде што буквално во секоја област се реализираат капитални инвестиции.

„На овој проект, сум особено горд и силно го поддржувам, бидејќи целата процедура за изградба на браната, започна кога бев министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, во рамки на надлежностите што ги имаше министерството, а во соработка со министерството за транспорт и врски и со Општина Штип. Оваа Влада покажа како вистински треба да се грижиме за граѓаните, за обезбедување на достојни услови за живот во секоја општина, за реализација на капитални проекти од витално значење, за заживување на сите региони во државата подеднакво“, рече Николовски и додаде дека паралелно, непречено се одвива инвестициската офанзива во патната инфраструктура во источниот и североисточниот регион.

Министерот Бочварски истакна дека конечно стартува капиталниот проект кој беше најавуван децении наназад.

„Оваа Влада и тимот од локалната самоуправа Штип покажавме храброст и решителност. Потрошивме многу часови и денови, но со голем ентузијазам и верба почнавме полека да го трасираме патот до сегашната реализација. Изготвивме основен проект, се направи ревизија на проектот, студија за животна средина, изработивме Урбанистички план, преку општината обезбедивме разни согласности од државните институции, за на крај со поддршка на Владата да обезбедиме средства од државниот буџет и преку Министерството за транспорт и врски и да обезбедиме одобрение за градење за да можеме денеска конечно да излеземе пред граѓаните на Штип и да кажеме, еве тоа е тоа што години и децении наназад беше најавувано, оваа Влада, оваа локална самоуправа започнува да ја гради браната Отиња. Успеавме и сите сме горди на овој успех. Но сега пред нас е нов предизвик. Искуствата покажуваат дека изградбата на ваков габаритен објект нема да биде лесно, впрочем во градежништвото и нема лесна работа. На терен не чекаат нови предизвици, но тука повторно сме сите, заеднички да ги решаваме“, рече Бочварски и додаде дека денеска сме сите сведоци на економското зајакнување на Истокот, се модернизира цела патна мрежа, се изгради еден автопат, се градат нови експресни патишта, се отвораат нови фабрики и нови работни места.

Градоначалникот Николов рече дека со овој најголем и најзначаен капитален проект, Штип не само што добива брана од 3 милиони метри кубни вода и опфат од 120 хектари, туку градот ќе има сигурна заштита од поплави.

„Населбите Суитлак и Блок 2.000 конечно ќе се поврзат со улица што ќе поминува по круната на браната, а за нашиот град ќе се отвори нова можност за економски развој и напредок. Изградбата на овој значаен проект значи чиста животна средина, вода и место за рекреација. Иако некои не веруваа нашето присуство денес, потврдува дека го реализираме сонот на штипјани, ја градиме браната Отиња и стоиме на зборот“, рече Николов.

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа