Полициски службеници во Загреб му ја скршиле ногата и изместиле раката на слеп човек, обвинувајќи го за лажно претставување и навреда.
Стеван Јамбрешиќ има 47 години и е целосно слеп од детството. Живее со својата полусестра на западната страна од главниот град. Токму таму пред два месеци го пронашла полицијата. За „Индекс.хр“ тој раскажа низ што поминал поради полициската грешка.
„Одам до оградата, ја отворам. Ме прашаа: дали сте Стево? Така прашаа. Реков да, да. Но, тие не го спомнаа презимето”, рече Стеван Јамбрешиќ.
Неговото вистинско име е Стеван, но сите го викаат Стево.
По кратка комуникација со полицијата, двајца полицајци влегле во дворот, насилно го привеле, му ја скршиле ногата и исчашиле раката.
Тие го замениле со друг човек, а не му побарале лична карта. Во станицата, кога тој излегол во ходникот да го земе од јакната документот за идентификација, повторно бил нападнат.
Министерството за внатрешни работи во Хрватска признава дека полициските службеници го прекршиле законот. Тие барале лице со друго презиме за кое претпоставувале дека живее на истата адреса.
Постапките на полицијата ќе беа груби дури и да ја пронајдоа вистинската личност, а во случајот целосно е нејасно зошто не му дале можност на Стеван Јамбрешиќ да ја покаже својата лична карта, пишува „Индекс“.
Министерството за внатрешни работи оцени дека полициските службеници неосновано користеле сила. Официјалната полициска белешка вели дека докторот на брзата помош кој бил повикан во станицата, откако Стеван Јамбрешиќ се пожалил на болка, заклучил дека Јамбершиќ е во добра состојба.
„Нивното единствено прашање беше – дали имате приговор за полицискиот третман? Реков, секако дека имам oти ми нанесоа телесни повреди. Но, пред да ме отпуштат, се јавив, прашав, инсистирав да повикаат брза помош затоа што не знаев што ми е – ме болеа раката и ногата“, рече Јамбрешиќ.
Тој бил задржан во болница пет дена. Сепак, откако бил претепан од полицијата, бил обвинет и за лажно претставување и навреда и омаловажување, но и за одбивање да даде лична карта, која тврди дека не можел да ја земе оти бил брутално нападнат.
Министерството за внатрешни работи денеска изјави дека по утврдените околности, обвинението против Стеван Јамбрешиќ ќе биде отфрлено, додека против полициските службеници ќе се поведе дисциплинска постапка, а Државното обвинителство и собранискиот Комитет за човекови права ќе бидат информирани за резултатите од кривичната истрага.Од Кабинетот на Народниот правобранител велат дека Стеван Јамбрешиќ има право да поднесе тужба за отштета за нанесување тешки телесни повреди.