Најмалку 189 луѓе загинаа, а стотици сè уште се водат за исчезнати по катастрофалните поплави што погодија големи делови на Западна Европа. Десетици илјади луѓе не беа во можност да се вратат во своите домови, а многумина се’ уште се без струја и вода за пиење.
Поплавата предизвикана од невидена количина на врнежи погоди делови од Западна Германија, Белгија и Холандија.
Неколку области низ јужна Холандија продолжија да се евакуираат откако реката Меза во саботата достигна нивоа што не е видено повеќе од еден век. Во Венло, град сместен веднаш на Меза, 10 000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.
Волонтерите и војската вчера наполнија вреќи со песок и градеа насипи, по што регионалната агенција за безбедност јави дека не се очекуваат поголеми поплави. Најмалку 158 луѓе загинаа во, како што рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, најголемата природна катастрофа на векот.
Во Германија водата се повлече за време на викендот, оставајќи пустош, кал и хаос зад себе, пишува Си-Ен-Ен.
Беа однесени цели градови, железници и патишта
Во неделата во посета на Шулд, еден од најпогодените градови, германската канцеларка Ангела Меркел рече дека уништувањето е „надреално“.
Таа ги пофали напорите и солидарноста во погодените области, но предупреди дека проблемите не можат брзо да се решат.
„Германскиот јазик нема зборови за да го опише ова уништување“, рече таа.
Меркел вети брза финансиска помош по посетата на најпогодените области и најави дека владата ќе започне со краткорочна програма за закрепнување.
Делови од Белгија без вода за пиење
Поплави ја зафатија и Белгија, каде Националниот центар за кризи соопшти дека денес состојбата постепено се подобрува низ целата земја и оти областите погодени од поплавите се „надвор од опасност“.
Се наведува дека потрагата по починати продолжува и во моментов најголема грижа е недостатокот на вода за пиење во некои од погодените области. Според Центарот, најмалку 31 лице загинало во невремето.
„Спасувачките операции се завршени, но операциите за пребарување сè уште траат во голем број области“, се вели во соопштението на Центарот.
За 24 часа падна огромна количина дожд
Катастрофалните поплави се случија откако паднаа огромни количини дожд во делови на Западна Европа. За 24 часа, повеќе од месечниот просек падна на местата што се поплавени.
Врнежите резултираа со екстремни поплавувања и нивото на водата се искачи за неколку минути.
Премногу е рано да се утврди точно колку голема улога одиграа климатските промени во предизвикувањето на оваа поплава, но екстремните врнежи како оние што се гледаат во Западна Европа стануваат сè почести и посериозни.