Утрински Весник
Свет

Лукашенко до Западот: Поради вашите санкции ќе патувате преку Северниот пол

Лукашенко до Западот: Поради вашите санкции ќе патувате преку Северниот пол
Dik 300x250 mk

Белорускиот претседател Александар Лукашенко му се закани на Западот дека ќе го ограничи транзитот низ Белорусија во случај на нови санкции против Минск.

„Ако извршите притисок со нови санкции, ќе ја заобиколувате Белорусија преку Северниот пол и Средоземното море. Засега, во услови на пандемија, ќе продолжиме да се однесуваме хумано во однос на транзитот, патничкиот и товарен сообраќај…“, рече Лукашенко во вторникот вечерта, а пренесе весникот „Белорусија денес“.

Според него, санкциите немаат никаква врска со правниот систем, пренесува „Спутник“.

„Примената на рестриктивни мерки како инструмент за притисок врз суверена држава е беззаконие и уцена на меѓународно ниво. Тоа е уцена која, дозволете ми да ве потсетам, е осудена во документите на ОН и другите меѓународни организации како неприфатлива мерка“, истакна Лукашенко.

Тој потсети дека пакетот санкции против Белорусија е воведен на денот на 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна и го објасни потегот со зборовите дека „Европа не се грижи за луѓето кои најмногу страдале од варварската и нехумана инвазија на европскиот фашизам“.

Како што рече, санкциите не се воведени само против Минск.

„Тие се воведени и против Руската Федерација“, додаде тој и оцени дека приказната со неодамнешното слетување на авионот во Минск и притворот на новинарот е само формална причина за санкции.

Односите на Белорусија со западните земји нагло се влошија по претседателските избори. Европската Унија не ги признаваше изборите за слободни и демократски, ниту Александар Лукашенко за избран претседател, анализираат медиумите.

Европската Унија, Велика Британија, САД и Канада воведоа санкции против голем број белоруски функционери, како и компании поврзани со сегашните белоруски власти. Овие санкции подоцна беа продолжени.

Можете да прочитате

Дмитриев: Решение за Украина може да се најде брзо ако се испочитуваат три прашања битни за Русија

Стуб: Соработката со Трамп треба да продолжи, за Русија повторно да не го придобие

Каш Пател за апсењата во НБА: Уапсени зашто се поврзале со Коза Ностра, а не како одмазда од Трамп