Утрински Весник
Македонија

Заев: Со Рикер сме согласни дека за некои прашања не може да се преговара

Заев: Со Рикер сме согласни дека за некои прашања не може да се преговара

Премиерот Зоран Заев и вршителот на должноста помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот на САД, Филип Рикер, денеска во Охрид одржаа прес-конференција.

На прес-конференцијата ѝ претходеше билатерална средба на која покрај Филип Рикер, присуствуваа и заменик-помошник Државен Секретар за Европа и Евроазија, Метју Палмер и амбасадорка на САД во нашата земја, Кејт Брнз.

Во своето обраќање на прес-конференцијата премиерот Заев им се заблагодари на високите претставници на Стејт Департментот на САД за учеството во „Преспа форум дијалог“, организиран по повод тригодишнината од Договорот од Преспа и посветен на дијалогот и добрососедството.

„За Западен Балкан од исклучителна важност е најавата на претседателот Бајден за враќање на силното присуство на Соединетите Американски Држави на светската сцена со ангажирана дипломатија заснована на најскапоцените демократски вредности на оваа земја и наш стратешки партнер“, истакна Заев на прес-конференцијата.

Премиерот нагласи дека Северна Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди и дека земјата посветено работи со добра волја на имплементација на Договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но, како што кажа, има некои прашања за кои не може да се преговара.

„Ја имаме поддршката на САД во овој поглед и таа има огромна важност. Сега повеќе од кога било, едногласни сме дека унапредувањето на регионалната соработка е неминовна за европеизацијата на Балканот, а таа пак е суштински дел од нашиот пат до членство во ЕУ“, потенцираше Заев.

Тој посочи дека Северна Македонија и САД, како блиски стратешки партнери и сојузници, заедно се фокусирани на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани по мирот ширум светот.

„Уште во првата година од членството во НАТО, Северна Македонија докажа дека е активна членка на Алијансата и ги дели заедничките вредности на сите сојузници. Потврдено ни е дека сме кредибилен сојузник со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и во регионот и глобално“, истакна премиерот.

Високиот претставник на Стејт Департментот, Филип Рикер од своја страна нагласи дека САД и Северна Македонија како сојузници постигнале многу заеднички достигнувања и ги нагласи Охридскиот рамковен договор и Договорот од Преспа кои, како што кажа, ја определиле траекторијата на Северна Македонија кон заедницата на прогресивните демократии.

„Блокадата за пристапните преговори за Северна Македонија го поткопува кредибилитетот на Европа и го истакнува впечатокот дека ЕУ го остава регионот зад себе“, рече на прес-конференцијата Рикер и заклучи дека Северна Македонија во Соединетите Американски Држави има пријател како никој друг.

Можете да прочитате

Вечерва девојка падна од зграда во Тетово

(ВИДЕО) Репортажа од која срцето ќе ви заплаче

Сиљановска-Давкова: Научените лекции од Кочани ги претвораме во системски мерки