Утрински Весник
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ предлага резолуција за дефинирање на македонските позиции во преговорите со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ предлага резолуција за дефинирање на македонските позиции во преговорите со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи до македонското собрание Резолуција во која ќе се дефинирани македонските позиции во преговорите со нашиот источен сосед, потребен е национален консензус, истакна на прес-конференција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Оваа резолуција би имала обврзувачко дејство согласно волјата на народните избраници, а врз Владата би значело оцртување во кои рамки смее таа да разговара, но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси.

„Во самата резолуција се содржани дефинициите и јавно, повторувам и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ И МПЦ ОА-Јустинијана Прима за јазикот и идентитетот. Она што го нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што го дефинирале највисоките научни и општествени авторитети како заеднички државен и национален интерес. На овој начин оставаме поширок простор за прифаќање на оваа Резолуција и од останатите политички партии во македонското Собрание. Очекуваме широка општествена поддршка во дефинирањето на она што е национален и државен интерес“, рече Мицкоски.

Во текстот кој што ќе биде доставен во Парламентот се наведува дека преговорите треба да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.

Се бара, да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:

– Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет.

– Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе – вековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.

– Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам.

– Процесот за евро интеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите.

– Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.

– Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност“, се наведува во резолуцијата.

Мицкоски рече дека е подготвен сум на дебата, на заедничка размена на мислења но и уште поважно да испратиме заедничка порака дека нашиот идентитет, јазик и историја е наше право, наша обврска која ќе ја штитиме заеднички.

Тој оцени дека европската иднина на Македонија е заглавена и закочена, а незнаењето и неодговорноста на Владата создаде нов спор и проблем во последните 3 години.

„Нашата Влада секојдневно тргува со нови идентитетски обележја, историски периоди, македонски херои, македонскиот јазик. Секој ден нови изјави, секој ден новa непозната, нови преговори и секој ден она што е најболно за македонскиот народ нови отстапки. Оваа Влада во решавањето на спорот со Грција не сакаше да има наш, македонски државен и национален консензус. Сама без никого, без опозицијата, без другите општествени фактори донесе решенија. А тие, до ден денес и секој ден повеќе се потсетник како не треба да се постапува и како треба да се учи од грешките кои скапо не чинат сите нас. До сега оваа Влада требаше да научи дека е потребен национален и државен консензус за националните и државни прашања. Како дојде до спорот со Бугарија? Главната причина е домат пазарџиската дипломатија на Зоран Заев и Никола Димитров. Сето ова е последица на непознавањето на државните односи на Балканот и неразбирањето на последиците од секоја една постапка“, рече Мицкоски.

Нагласи дека бугарските црвени линии се содржани во бугарската декларација, и во ставовите соопштувани од претседателот и Владата на соседна Бугарија. За разлика од нив, вели Мицкоски, наште граници не се дефинирани и немаме една позиција.

Можете да прочитате

ОКТА: Почнавме со иницијатива за поддршка на потрошувачите, по дополнителните количини гориво набавени преку продуктоводот ВАРДАКС

Работничка тешко повредена во фабрика во Охрид

Извозот на ИКТ услуги од Македонија надмина 676 милиони евра во 2025 година