Легендарниот германски фудбалер, Лотар Матеус во разговор за „The Guardian” ги „пецна“ Англичаните потсетувајќи ги како завршија нивните две средби на големите натпреварувања. Во Италија 1990, на СП во полуфиналето „Панцерите“ славеа од белата точка, а 6 години подоцна, токму во Англија на ЕП исто на пенали славеа Германците, а тогаш трагичар беше актуелниот селектор на Гордиот албион“ – Герет Саутгејт.
„Ние сме секогаш добри кога доаѓа до пенали. Англија има шанса да го добие мечот по 90 или 120 минути, но ако се одлучува од белата точка, Германија ќе биде фаворит“ оценува Матеус.
Сепак, сегашниот состав и игрите кои Германија ги прикажа во групната фаза не се по мерак на Матеус.
„Немам чувство дека Лев прави добра работа во моментов, како што имав впечаток во 2014 година кога го освоивме СП. Тој постојано прави некои промени, менува играчи, го менува системот на игра. Џошуа Кимих на трите натпревари играше на 4 позиции, веќе никој не се чувствува сигурно во тимот, нема самодоверба кога нешто постојано се менува“ смета Матеус.
Од друга страна, тој има многу високо мислење за репрезентацијата на Англија.
„Мислам дека нема причина за песимизам на Островот. Англија има убава иднина. Пред 3 години играше полуфинале на СП, има фантастични играчи кои играат во најдобрите клубови во земјата. Ја почитувам оваа селекција, ако игра на максимум, може да ја победи Германија“ вели Матеус.
> Матеус: Немам чувство дека Лев прави добра работа во моментов <