Утрински Весник
Македонија

Потпишан протокол за доделување стипендии за Сити Колеџот во Солун

Потпишан протокол за доделување стипендии за Сити Колеџот во Солун

Претседателот Стево Пендаровски, министерката за образование и наука на Република Северна Македонија, Мила Царовска и претседателот на Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Јанис Верверидис, денеска потпишаа протокол за соработка за доделување стипендии „Борис Трајковски” за академската 2021/2022 година.

Потпишаниот протокол предвидува нивна заедничка соработка за академската 2021/2022 година со цел да се обезбедат дваесет стипендии за Пан-европската Извршна МБА програма со двојна диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот во Стразбур која се реализира во Солун, Грција, а во рамките на стипендиите „ Борис Трајковски“.

Секоја стипендија поединечно изнесува 14.890 евра при што педесет проценти обезбедува Владата на Република Северна Македонија, а другите педесет проценти ги обезбедува Универзитетот.

Изборот на кандидати за доделување на овие стипендии ќе биде спроведен заеднички од страна на Претседателот, Министерството за образование и наука, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и „Сити Колеџот“, преку заедничка комисија составена од по еден нивни претставник, во согласност со условите за прием на Универзитетот и законските прописи на Република Северна Македонија.

Сити Колеџот во Солун, Грција од јануари 2021 година прерасна во Европски кампус на Универзитетот Јорк, кој е член на престижната Расел група на водечки универзитети во Велика Британија и една од најголемите светски институции во областа на истражувањето.

Пан-европската извршна МБА програма е меѓународна, иновативна програма дизајнирана за денешните менаџери и професионалци кои се стремат кон подобрување на своите вештини и знаења за професионален, кариерен и личен развој. Студентите по успешно завршување на оваа програма ќе се стекнат со две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација и тоа од Универзитетот во Јорк и од Универзитетот во Стразбур.

Стипендиите „Борис Трајковски“ се доделуваат од 2003 година. Студентите коишто успешно ја завршија програмата, активно придонесуваат во развојот и растот на економијата и општеството на Република Северна Македонија. Стипендиите „Борис Трајковски“ промовираат пријателство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

Конкурсот за апликација за стипендиите „Борис Трајковски“ ќе биде достапен на веб-страницата на Министерството за образование и наука од следната недела.

Можете да прочитате

Почнува реконструкцијата на сaлaта „Расадник“

Премиерот Мицкоски очекува минимално зголемување на цената на струјата

Укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Маврово – Дебар