Утрински Весник
Македонија

Ќе се прави компаративна анализа за употребата на канабис во неколку земји од регионот и светот

Ќе се прави компаративна анализа за употребата на канабис во неколку земји од регионот и светот

Во Владата, вчера попладне, се одржа вториот состанок на „Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот”.

На вториот состанок, Работната група усвои дефиниции за поимите декриминализација, легализација и депенализација по однос на статусот на употреба на канабисот, кои ќе се користат за подобро разбирање на степените на дозволена употреба на канабис низ работните процеси во институциите, како и за информирање и едукација на широката јавност за различните аспекти на употреба на канабисот.

ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА НА УПОТРЕБАТА НА КАНАБИС подразбира елиминирање на кривичните дела поврзани со употреба на канабис и поседување на канабис за лична употреба. Декриминализацијата значи преместување на фокусот на политиките од полициско – судскиот систем кон здравствено – социјалниот систем. Ваквата рамка креира поддржувачки контекст и средина за потребните јавно – здравствени и социјални интервенции за луѓето кои употребуваат канабис и минимизирање на негативните последици од кривичното гонење заради поседување и употреба на канабис.

ДЕПЕНАЛИЗАЦИЈА НА УПОТРЕБАТА НА КАНАБИС се однесува на ситуација во која постои кривична или прекршочна одредба, но преку воспоставената пракса институциите применуваат поблага санкција, опомена, предупредување или друга слична административна мерка или го одлагаат казнувањето.

ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА УПОТРЕБА НА КАНАБИС претставува регулирање на околностите во кои употребата на канабис нема да се смета за казниво дело, односно утврдување на критериумите под кои може да се произведува, набавува, продава и користи канабисот. Легализацијата го опфаќа регулирањето на производството, преработката, продажбата и поседување на канабис за лична употреба; употребата на канабис за медицински цели и регулирање на моделот преку кој ќе се спроведува легализацијата.

Работната група донесе заклучок за изработка на компаративна анализа на моделите во 10 различни земји од регионот, Европа и светот по однос на статусот на употреба на канабисот и тоа во Португалија, Холандија, Чешка, Шпанија, Канада, Колорадо (САД), Калифорнија (САД), Израел, Хрватска и Албанија.

Компаративната анализа ќе обезбеди темелен преглед на политиките за канабис во 10-те земји, согласно следниве критериуми:

1. Како гласи законската одредба за употреба, поседување и производство на канабис;

2. Примена на законите, значајна пракса која се применува, позитивни или негативни примери;

3. Број на корисници на канабис пред и по воведување на промената;

4. Број на затвореници за кривични дела поврзани со канабис;

5. Број на смртни случаи или предозирање поврзани со канабис, пред и по воведување на промената;

6. Дали се воспоставени социјални програми за ресоцијализација, вработување и слично;

7. Дали има анализа за исплатливоста на моделот, бенефити од економски аспект во земји каде се применуваат либерални политики;

8. Моделот за легално производство и пуштање во промет на канабис и продукти од канабис;

9. Број на вработени во секторот канабис, вредност на годишен обрт во сектор канабис, даночен прилив од легален канабис за медицински цели и лична употреба.

Работната група на состанокот утврди насоки и одговорни засегнати страни за подготовка на сеопфатно, јавно и едукативно информирање на широката јавност за сите аспекти од употребата на билката канабис, како и обезбедување целосно инклузивен процес на консултација со сите засегнати и заинтересирани страни. За реализација на ваквата јавна, информативна и едукативна кампања ќе биде побарана поддршка од бизнис секторот и од сите општествени чинители кои ги поддржуват зелените политики.

На вториот состанокот на Работната група за канабис учествуваа претставници од Министерството за здравство, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на премиерот, здруженијата на токсиколози, на педијатри, Факултетско студентско собрание при Фармацевтски факултет, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалицијата маргини, Здружението Операција Ослободување, Здружението за канабис и зелени политики Билка, НВО коалиција Канабис институт Пелагонија, Здружението на производителите на медицински канабис, Иновативната фармацевтска индустрија и од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ.

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа