Утрински Весник
Свет

Фаучи: „Делта“ сојот е најголема закана во напорите на САД за искоренување на коронавирусот

Фаучи: „Делта“ сојот е најголема закана во напорите на САД за искоренување на коронавирусот

„Делта“ сојот или т.н индиски вид на коронавирус е несомнено полесен и побрз за пренесување од оригиналната варијанта, сметаат експертите.

„Делта“ варијантата на коронавирусот, кој првпат беше откриен во Индија, е најголемата закана за напорите на САД да го искоренат Ковид-19, изјави американскиот експерт за заразни болести, Ентони Фаучи.

„Делта“ вирусот е несомнено полесен за пренесување од оригиналната варијанта“, рече Фаучи, додавајќи дека тој вид станува глобално доминантна верзија што предизвикува посериозна клиничка слика кај пациентите.

Фаучи потсети, дека вакцините одобрени во САД, вклучувајќи ја и вакцината на „Фајзер/ Бионтек“, се ефикасни против новиот „делта“ сој.

„Имаме алатки и мора да ги користиме и да го зауздаме новото ширење на вирусот“, рече Фаучи.

Видот „делта“ на Ковид-19, првпат откриен во Индија, полека станува доминантен вид на коронавирус во светот, соопшти и Светската здравствена организација.

Велика Британија објави зголемување на инфекциите со вирусот „делта“, додека германските здравствени работници предвидуваат дека наскоро ќе стане доминантен вид во Германија, и покрај зголемувањето на бројот на вакцинирани.

Официјален Кремљ го обвини „делта“ вирусот за рекордниот број на новозаразени лица во Москва и Русија, пренесуваат агенциите.

„Делта“ сојот на коронавирус е на добар пат да стане доминантен вид во светот поради високата инфективност“, рече главниот научник на СЗО, Соум Сваминатан.

Можете да прочитате

Пакистан го прекина интернетот и мобилната телефонија

Маж во Индија се разбудил миг пред кремирањето

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година