Утрински Весник
Свет

Ердоган: Турција и САД влегуваат во нова ера на односи

Земјите од НАТО заеднички ќе се бранат и од напади во вселената

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција и Соединетите Американски Држави влегуваат во „нова ера“ на односите кои беа влошени во последните години поради големиот број прашања, иако двете земји се сојузници во НАТО, пренесуваат агенциите.

Сепак, Ердоган ги повика САД да ги почитуваат суверените права на Турција, што е очигледна алузија на неговата одлука да го купи рускиот систем за оружје и побара поддршка од САД за борбата на Анкара против курдските групи во Сирија, кои Турција ги смета за терористи.

Турскиот лидер зборуваше неколку дена по неговата прва средба со американскиот претседател Џозеф Бајден од стапувањето на должноста. Двајцата се познаваат со години, а се сретнаа за време на самитот на НАТО во Брисел.

Ердоган се обидува да ги поправи лошите врски со САД и другите западни партнери, бидејќи неговата влада се соочува со економски пад влошен од пандемија на коронавирусот анализираат медиумите.

Во говорот емитуван на телевизија, Ердоган рече: „Се согласивме дека нема прашање што не можеме да го надминеме и дека, напротив, областите на соработка се поголеми и попрофитабилни“.

Долгогодишните сојузници имаат долг список на несогласувања, вклучително и поддршката на САД за курдските борци во Сирија и купувањето од страна на Турција на рускиот одбранбен систем С-400, што го налути Вашингтон и ја исфрли Анкара од програмата за производство на најновите американски борбени авиони Ф-35 и доведе до санкции на високи претставници на турската одбранбена индустрија и забрана за воени лиценци за извоз.

Вашингтон вели дека рускиот систем претставува закана за безбедноста на НАТО и инсистира на тоа дека санкциите не можат да бидат укинати се додека Турција не се ослободи од системот вреден 2,5 милијарди долари.

Анкара тврди дека курдските борци во Сирија се само продолжение на деценискиот вооружен курдски бунт во Турција.

Ердоган го опиша неговиот разговор со Бајден како сеопфатен и продуктивен и рече дека се согласиле да се состанат повторно.

„Веруваме дека ја отворивме вратата за нова ера со САД на позитивна и конструктивна основа“, рече турскиот претседател.

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме