По билатералната средба на македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Стефан Јанев се одржа заедничка прес-конференција на која премиерот Заев изрази задоволство од укажаната можност да се сретне со неговиот колега Јанев со што е создадена извонредна можност да се разговара за билатералните прашања од интерес на двете земји.
„ Заедно треба да го најдеме решението. Ние сме одговорни политичари и се договоривме дека нашите разговори треба да се фокусираат на суштината на можните решенија и дека до таа цел ќе стигнеме преку патоказот, преку секторската соработка што ја организираат и спроведуваат работните тела преку министерствата за надворешни работи на двете земји“, истакна премиерот Заев.
Заев дополни дека во текот на разговорите денеска бил заеднички консултиран и предлогот на португалското претседателство со ЕУ.
„ И самата средба денеска е исчекор кон изнаоѓање решение кој е насочен да биде од интерес на двете страни. Само така ќе имаме поддршка од граѓаните на двете земји. Апелирам до братскиот народ во Бугарија преку своите лидери да продолжат со поддршката за Република Северна Македонија на патот кон нејзиното членство во ЕУ затоа што нашата земја нема друга алтернатива. Најважно од сé е што веруваме во европските вредности“, рече Заев.
Премиерот Јанев на прес-конференцијата подвлече дека Република Бугарија ја поддржува Република Северна Македонија на патот кон европското семејство и дека во овој момент има прозорец на можности за отворен и искрен дијалог кој во наредните денови треба да донесе взаемно прифатливи решенија со кои ќе се овозможи да биде продолжена европската перспектива на Северна Македонија.