Утрински Весник
Македонија

Николовски: Корупцијата и криминалот не познаваат граници

Николовски: Корупцијата и криминалот не познаваат граници

Вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, преку видео обраќање на посебната седница на Генералното собрание на Организацијата на Обединети Нации против корупција – 2021, посочи дека врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија е борбата против корупцијата. Ова како што рече Николовски беше докажано и со воведувањето на новата функција во Владата, заменик на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.

„Борбата против корупцијата е клучен приоритет во владината рамка „Акција 21“, и тоа е резултат на нашата силна определба за воведување на систем кој генерира и испорачува правда, правна држава, ред и поредок. Нашата политичка волја и напори за спречување на корупцијата е јасна и недвосмислена. Преку спроведување и имплементација на Конвенцијата на Обединети Нации против корупцијата, како и преку Планот на Владата за борба против корупција, создаваме општество во кое нема да има место за корупција, општество во кое се почитува правото и заштитата на човековите права за секој граѓанин. И тоа е нашиот влог во иднината, за подобар живот и за просперитетна држава со силни институции“, рече Николовски.

„Корупцијата и криминалот не познаваат граници, и мора да бидеме единствени во заложбите кои ги преземаме на Генералното собрание на Обединети Нации, а кои се пренесуваат во целиот свет. Ова е заедничка инвестиција, со која ќе изградиме подобар свет за сите нас“, посочи Николовски.

Тој потенцираше дека Северна Македонија за прв пат донесе План за борба против корупцијата, составен од системски мерки, за длабоки реформи во општеството, кој се заснова на неколку столба – дигитализација, механизми за проверка на имот и капитал, конфискација на нелегално стекнат имот, транспарентност, подигање на свеста на граѓаните за пријавување корупција, високо ниво на интегритет и етички стандарди за носителите на јавни функции.

Николовски истакна дека Конвенцијата на ООН против корупција, испраќа јасна порака, дека целата меѓународна заедница е одлучна да води бескомпромисна борба против корупцијата.

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот