Утрински Весник
Економија

Битиќи во посета на „Пејпер Мил“ во Кочани: Фабриката го рестартира производството по инсталирање на еколошки филтер

Битиќи во посета на „Пејпер Мил“ во Кочани: Фабриката го рестартира производството по инсталирање на еколошки филтер

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и градоначалникот на Кочани, Николајчо Илијев, присуствуваа на настанот за рестартирање на производството на фабриката за хартија „Пејпер Мил“ во Кочани, кој се случува по инсталирањето на вреќест филтер со кој значително се намалени емисиите на штетни честички во водухот, за кои во минатото, имаше реакции од граѓаните.

Битиќи потсети дека „Пејпер Мил“, при своето работење во минатото, емитираше повисоко ниво од дозволеното на штетни честички во воздухот, на што граѓаните од Кочани со право реагираа, државните институции и сопствениците на фабриката седнаа, ги разгледаа сите аргументи и потоа менаџментот на фабриката одлучи привремено да запре со производството, а притоа ги задржаа вработените со намалени приходи од 70%, како што предвидува Законот.

„ Здравјето на граѓаните е врвен приоритет на оваа Влада, а тоа секојдневно го покажуваме и докажуваме. Мене ми претставува задоволство што и сопствениците на компанијата покажаа разбирање и брзо реагираа, вложија дополнителни средства во системот за отпрашување и последните мерења, направени од независна лабараторија и потврдени од државните институции покажуваат дека емисиите на штетни честички се далеку под дозволените, односно до 40 пати помалку од пропишаните вредности“, нагласи Битиќи и посочи дека воведувањето стандарди за заштита на животната средина не доближуваат до европспките стандарди и вредности.

Со инвестицијата во инсталирање на вреќастиот филтер, овозможен е рестарт на оваа компанија и враќање на работа на сите 120 вработени, рече Битиќи и посочи дека „Пејпер Мил“ најавува дополнителни вложувања во овој капацитет, со кои ќе се модернизираат процесите и дополнително ќе се влијае на заштитата на животната средина, со што го покажуваат својот искрен интерес да бидат општествено одговорна компанија.

„ „Пејпер Мил“ е значајна компанија, освен направените инвестиции и бројот на вработени, оваа компанија има голем значај за локалниот економски развој, но и за циркуларната економија во земјата. Имено, треба да се знае дека оваа компанија има капацитет за рециклирање на картонска хартија за потребите на цела земја, што изнесува околу 14.400 тони. Тоа е навистина значајно и исто придонесува за заштита на животната средина, затоа што и хартијата е ресурс кој го добиваме од природата, а со рециклажа природата ја заштитуваме. Би сакал да посочам дека Владата има потпишано договор за финансиска поддршка на „Пејпер Мил“, чиј што инвестициски проект е до крајот на 2022 година, а според договорот во овој капацитет се планирани дополнителни вложувања од околу 2 милиони евра, со што би се удвоило производството и капацитетот за рециклажа би достигнал до околу 30.000 тони отпадна хартија во Северна Македонија. Тоа е и можност за нови вработувања, но и зголемен извоз од нашата земја“, заврши вицепремиерот Битиќи.

На настанот, од страна на генералниот менаџер на Пејпер Мил, Јулијан Даскалов, беа презентирани резултатите од последните мерења на акредитираната лабораторија SGS, која по инсталацијата на новиот вреќест филтер во фабриката, изврши мерења на квалитетот на воздухот според методите на мерење услогласени и одобрени од страна на Државниот инспекторат за животна средина.

„Чест ми е ја информирам јавноста дека инвестицијата од 55 илјади евра во вреќест филтер навистина носи придобивки за животната средина. Пред неколку дена ги добивме резултатите од акредитираната лабораторијата SGS, која изврши мерења на квалитетот на воздухот според методите на мерење услогласени и одобрени од страна на Државниот инспекторат за животна средина.Мерењата покажуваат вредности на количество на прав во димните гасови по овој редослед: Мерење 1 – 3,61mg/Nm³; Мерење 2 – 88,2mg/Nm³; Мерење 3 – 19,7mg/Nm³ и Мерење 4 – 6,42mg/Nm³. Нормата за овој показател за фабриката е 150mg/Nm³, што значи дека резултатите се и до 40 (четириесет) пати пониски од пропишаното. Со ова речиси целосно е елиминирано влијанието на процесот на рециклирање и производство на хартија врз околината. Оваа инвестиција е трајно решение фабриката да работи непречено, а при тоа да обезбеди чиста и здрава средина. Со ова докажуваме дека нашите заложби за чиста и здрава животната средина, не се само декларативни. Сериозно и систематски ја реализираме нашата намера да ги унапредиме процесите и средината во која работиме и живееме и континуирано вложуваме во тоа“, изјави Јулијан Даскалов, Генералниот директор на Пејпар Мил.

Од „Пејпар Мил“ најавија дека инвестициите во фабриката продолжуваат и ги истакнаа приоритети за следниот период, третата и последна фаза за комплетирање на прочистителната станица за отпадни води која веќе е во тек и треба да заврши во текот на оваа година. Се работи за инвестиција во износ од 300.000 евра, а динамиката на реализација на овој проект е тесно поврзана со работењето на фабриката заради извршување на потребните тестирања и набавки на потребната опрема, па по времениот прекин на работењето овој проект продолжува.

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“