Утрински Весник
Свет

Израелските опозициски лидери на чекор дo формирање влада и рушење на Нетанјаху

Израелските опозициски лидери на чекор дo формирање влада и рушење на Нетанјаху

Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид со неколку партии, вклучувајќи ја и партијата предводена од министерот за одбрана Бени Ганц, ги договори условите за формирање нова влада, изјави денеска неговиот портпарол.

Лапид има рок до полноќ да објави дека постигнал договор, објави „Ројтерс“.

Тој сè уште треба да постигне договор со неговиот главен партнер Нафтали Бенет, кој треба да биде првиот премиер во рамките на предложената ротација на двајцата политичари. Тоа ќе значи крај на ерата на Бенјамин Нетанјаху.

Партијата на Лапид, Јеш Атид и Сината и белата на Ганц, во заедничкото соопштение наведоа дека се договориле за контурите на владата и основните прашања во врска со зајакнувањето на демократијата и израелското општество.

Ганц ќе остане министер за одбрана во новата влада, изјавија партиите.

Договор беше постигнат и со левичарската партија Мерец и израелската Лабуристичка партија, како и со партијата на поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман, рече портпаролот на Лапид.

Обединетата арапска листа исто така преговараше за влез во коалицијата. Ако тоа се случи, тоа ќе биде првпат во историјата на Израел независна арапска партија да стане член на владата.

Доколку Лапид го пропушти крајниот рок за формирање коалиција, парламентот ќе има рок од три недели да се договори за нов кандидат.

Доколку и тоа не успее, Израел очекува нови избори, петти во последните две години.

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња