Утрински Весник
Свет

Дачиќ во Москва: Србија не прифаќа наметнати решенија за Косово и Метохија

Дачиќ во Москва: Србија не прифаќа наметнати решенија за Косово и Метохија

Србија е конструктивна во дијалогот со Приштина со посредство на ЕУ и сака компромис што ќе донесе мир и стабилност на долг рок, рече денеска во Москва претседателот на парламентот, Ивица Дачиќ, додавајќи дека Србија не прифаќа наметнати и еднострани решенија.

„Тие ни велат – откажете се од Косово и Метохија и патот кон ЕУ е отворен за вас. Тоа не го кажуваат партнерите еден на друг. Ние сакаме да влеземе во Унијата, работиме напорно на тоа и таа цел не ја менуваме, но ние не прифаќаме на тој пат пред нас да бидат поставени пречки што никогаш претходно не биле поставени пред никого, ниту пак може да се очекува такво нешто како признавање на незаконското отцепување од која било суверена држава“, рече Дачиќ.

Слично е и со санкциите насочени против Русија, рече Дачиќ обраќајќи им се на пратениците на Државната дума.

Тој рече дека Србија нема да воведе санкции кон Русија, наведувајќи дека и самата Србија била изложена на истиот механизам на притисок и многу добро знае колку тоа е неправедно.

“Русија е еден од најголемите економски партнери на Србија. Не постои економска гранка во која не бележиме огромен раст, почнувајќи од енергетика, патна и железничка инфраструктура, земјоделско производство, хемиска и дрвна индустрија”, тврди Дачиќ.

Според него постои уште простор што мора да се искористи во областа на економијата, пред се во заедничките аранжмани во високотехнолошките проекти.

Одиме во таа насока дури и кога станува збор за соработка во областа на медицинските науки. Дали има подобар пример за тоа од фактот дека Србија е првата земја во Европа што ја произведува вакцината „спутник В“ со одобрение од вашиот „ „Институт Гамалеја“, кој ја разви оваа одлична вакцина?“, запраша Дачиќ.

Тој потсети дека Србија е во самиот врв на Европа и светот според процентот на вакцинирано население, поради што се очекува наскоро да заврши и борбата против пандемијата.

Претседателот на Собранието на Србија исто така рече дека Русија е еден од столбовите на поддршката на Србија во современиот свет и дека тоа нема да се промени.

Дачиќ посочи дека Србија и Русија денес се многу повеќе од традиционални, историски пријатели и сојузници.

„Русија, исто како и Србија, е цврсто на мислење дека Косово и Метохија е неотуѓив дел од Србија и тоа е еден од нашите најважни политички столбови во борбата за нашите интереси на меѓународната сцена со децении“, додаде Дачиќ .

Можете да прочитате

Ужас во Австралија: Воспитувач силувал 60 девојчиња, бакнувал и бебиња – Осуден е на доживотен затвор

Путин загрижен за безбедноста на Трамп: Се надевам дека ќе биде внимателен

Сибирски студ во Централна и Источна Турција со температури 20 степени под нулата