Утрински Весник
Економија

Костадинов: Инвестиции од околу 400 милиони евра во две фабрики за преработка на отпад

Костадинов: Инвестиции од околу 400 милиони евра во две фабрики за преработка на отпад

Следуваат инвестиции од околу 400 милиони евра во две фабрики за преработка на отпад, изјави на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Фабриките се во рамки на Интервентниот план на инвестиции во вредност од над осум милијарди евра кои треба да се реализираат до 2027 година.

Како што истакна Костадинов, еден од инвеститорите е од Луксембург кој ќе инвестира 336 милиони евра за фабрика со плазма за согорување односно без кислородно согорување на високи температури.

„Оваа инвестиција е во затворен систем без оџак и е целосно еколошка инвестиција. Покрај фабриката, вкупната инвестицијата содржи и 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 претоварни станици и 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери, како и асфалтирање на патна делница од 5 км до село Дуброво во Општина Неготино“, рече Костадинов.

Нагласи дека инвестицијата претставува целосно и трајно решавање на отпадот на 74 проценти од територијата на Северна Македонија или опфаќа 48 општини.

Понатаму, следува и отворање на фабрика за селектирање и преработка на отпад во Источниот и Североисточниот регион, во вредност од 37 милиони евра, средства од ЕУ.

„За целите на оваа инвестиција веќе е формирано заедничко комунално претпријатие за управување со депонијата односно со новата фабрика во Свети Николе. Според предвиденото, стартот на изградба би започнала до крајот на годината а истата би опфатила огромен број општини од штипскиот и кумановскиот регион“, појасни Костадинов.

Како што додаде, само со овие две инвестиции во вкупна вредност од околу 400 милиони евра се става крај на деценискиот проблем со депониите во нашата држава.

„Ова се инвестиции за нови работни места, но и за почиста и поздрава животна средина“, додаде портпаролот на СДСМ.

Можете да прочитате

Седница на Советот на Народната банка: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Последни два дена за амандманска расправа за Предлог-Буџетот за 2025 на матичната собраниска Комисија

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата