Утрински Весник
Свет

Турција и Грција: Ќе ги подобриме економските односи

Турција и Грција: Ќе ги подобриме економските односи

Турција и Грција ќе почнат да преземаат конкретни чекори и ќе работат на заеднички проекти за подобрување на економските и трговските односи, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Тој на заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега Никос Дендиас рече дека постигнале консензус за 25 точки со цел да се подобрат трговските односи и дека двете земји ќе признаат меѓусебни докази за вакцинација во обид да го поддржат туризмот, пренесува „Ројтерс“.

Чавушоглу рече дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис планираат да се состанат на самитот на НАТО во Брисел на 14 јуни.

Грчкиот министер за надворешни работи вети дека ќе работи на надминување на сериозните разлики што постојат во односите со Турција.

„Ние сме целосно свесни за различните, а во некои многу сериозни прашања и дијаметрално спротивни позиции што ги имаме“, рече Дендиас во кратката изјава по средбата со Чавушоглу.

„Целта на денешната средба беше да се испроба првичниот процес на преговори и, ако е можно, постепено да се нормализира состојбата со текот на времето“, додаде грчкиот министер.

Грција и Турција, обете членки на НАТО-алијансата, се расправаат околу голем број прашања – од правото на експлоатација на фосилни горива на истокот на Средоземното Море до статусот на Кипар и третманот на бродовите со мигранти.

Можете да прочитате

Британија потрошила 100 милиони фунти на гранични пунктови кои никогаш не биле искористени

Најмалку 21 лице загина откако потона чамец со мигранти крај брегот на Сенегал

Нови напади врз Иран нема да се случат ако преговорите напредуваат