Утрински Весник
Македонија

(Видео) Пендаровски и Радев во Рим заеднички ги чествуваа Св. Кирил и Методиј

(Видео) Пендаровски и Радев во Рим заеднички ги чествуваа Св. Кирил и Методиј

Претседателите на Северна Македонија, Стево Пендаровски и на Бугарија, Румен Радев денеска во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим заеднички ги чествуваа Св. Кирил и Методиј.

Претседателите Пендаровски и Радев положија свежо цвеќе пред спомен плочите во базиликата и заеднички оддадоа почит на делото на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

Двајцата претседатели по завршувањето на церемонијата изјавија дека заедничкото чествување на Св. Кирил и Методиј во Рим придонесува за јакнење на добрососедските односи и меѓусебната доверба на двете држави и двата народа.

„Сакаме да покажеме дека и на Балканот има луѓе, има политичари кои можат да зборуваат со европски јазик кога зборуваат за нашите актуелни проблеми и предизвици и се разбира, за нашата иднина. Во колегата Радев овие два дена најдов еден соговорник со кој можеме да разговараме на ист јазик, не зборувам тука за македонскиот и за бугарскиот јазик, зборувам за европскиот јазик, кој единствено може да донесе подобра, посреќна иднина за нашите две држави и за нашите два народи“, изјави претседателот Пендаровски, кој рече дека напредок е возможен само ако во дијалогот двете држави влегуваат еднакви.

Денеска претпладне, претседателот Пендаровски имаше аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск и оствари средба со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.

Пендаровски престојува во посета на Италија и Светата Столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, а во Рим отпатува со државниот авион на Бугарија, заедно со бугарскиот колега Радев.

Можете да прочитате

Петрушевски: СДС се виновни што Груби неказнето крадеше, сите знаеја дека краде, а никој не смееше да го санкционира

(Видео) Нова епизода на подкаст Зрак со д-р Марина утре во 21.00 часот

За првпат после долго време – Воздухот во Скопје е чист