Утрински Весник
Свет

Шпанија го обвини Мароко за агресија врз границите на ЕУ со пуштање на мигрантите

Шпанија го обвини Мароко за агресија врз границите на ЕУ со пуштање на мигрантите

Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес го обвини Мароко за уцена откако оваа недела земјата наводно им помогнала на повеќе од 8.000 мигранти да ја преминат границата со шпанската енклава Сеута преку море, пренесува „Спутник“.

„Тоа е агресија на шпанските граници и на границите на Европската Унија, и ова, во меѓународното право е неприфатливо“, рече Роблес.

Таа дополнително го критикуваше официјален Рабат за наводна злоупотреба на малолетници на возраст од седум и осум години за да изврши притисок врз Мадрид, истакнувајќи дека ваквите постапки го кршат меѓународното право.

„Неприфатливо е да се изложуваат на ризик животите на малолетници или на луѓе од сопствената земја од причини што не ги разбирам“, додаде министерката.

Мигрантите од мароканската страна на границата почнаа да пристигнуваат во Сеута, која се гледа како порта кон Европа, на 17 мај, а 6.000 луѓе влегоа во Сеута со пливање преку границата, при што најмалку еден малолетник за малку ќе се удавел за време на обидот, но бил спасен од Цивилната гарда која ја штити шпанската граница.

Уште 2.000 мигранти пристигнаа во Сеута во текот на следните два дена, но шпанските власти почнаа да ги испраќаат назад во Мароко – околу 5.600 веќе се депортирани. Сепак, според шпанските закони, на малолетници без придружба може да им биде дозволено да останат во земјата.

Мароканскиот министер за човекови права, Ел Мустафа, навести пред два дена дека земјата може да ги намали граничните контроли со Сеута како одговор на одлуката на Мадрид да го прими водачот на Фронтот Полисарио, Брахим Гали, на лекување.

Фронтот Полисарио се бори против Мароко за независност на Западна Сахара, но некои групи за човекови права ги обвинија милитантите за геноцид и воени злосторства.

Шпанија соопшти дека дозволила Гали да се лекува во земјата од хуманитарни причини, но Високиот суд на Шпанија му достави покана за сведочење на прелиминарно сослушување за обвинувањата за извршени воени злосторства на 1 јуни.

Можете да прочитате

Катар се заканува дека ќе ја запре испораката на гас за Европската унија

Словенечкиот јавен сервис бара забрана за учество на Израел на Евровизија поради војната во Газа

Путин вети одмазда за нападот во Казањ