Утрински Весник
Македонија

Владата ќе организира јавна расправа за законот за дивоградби

Владата ќе организира јавна расправа за законот за дивоградби

Владата ја отвори дебатата за утврдување насоки во врска со Предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби кој е вратен во Собранието по одлуката на Претседателот на државата Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на Законот, одлуката како што информираат владините служби е донесена на 71-та владина седница.

Од таму додаваат дека во широката и темелна дебата било истакнато дека согласно законските процедури за вакви ситуации, Владата ќе поттикне јавна расправа со засегнатите страни, како и консултации со пратеничките групи во Собранието и со претседателите на Парламентот и државата за да се дојде до најдобро законско решение.

„Во таа насока ќе бидат отворени за доработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните“, се посочува во владиното соопштение.

Шефот на државата Стево Пендаровски, одговарајќи денеска на новинарско прашање рече дека законот не е добар но дека тој ќе го потпише указот доколку Собранието повторно го изгласа законот за дивоградбите со потребното мнозинство.

Можете да прочитате

Ангелов: Најкомплексен за гасење е пожарот којшто сега гори на планината Китка, во моментов пет активни пожари

Кога ПР-от е поважен од фактите: ЦУК со фотографија од Калифорнија се пофали за спасено теле

Клековски: Досега потврдени вкупно 44 случаи на западнонилска треска, отпуштени од Клиниката 21 пациент