Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Ќе го потпишам Указот, доколку Собранието повторно го изгласа законот за дивоградбите

Пендаровски: Ќе го потпишам Указот, доколку Собранието повторно го изгласа законот за дивоградбите

Претседателот Стево Пендаровски истакна дека доколку Законодавниот дом го изгласа по втор пат законот за постапување по бесправно изградени објекти, тој ќе мора да го потпише Указот, бидејќи, како што рече, со првото непотпишување се исцрпуваат неговите уставни надлежности.

„Ако ме прашувате за мојата реакција доколку тој би дошол повторно кај мене, ставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има т.н џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по втор пат, се разбира истиот ден ќе го потпишам иако имам серија забелешки. Според она што го кажа премиерот, ќе бидат земени во предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност. Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство, немам избор“, рече Пендаровски.

Тој останува на ставот дека законот не е добар.

„Нема да бидам задоволен, се разбира, јас тоа не го напишав само за да бројам дека сум ставил вето на некој закон. После долги консултации со истакнати правни експерти од кај нас, ми беше сугерирано дека тоа практично не е одржливо во неколку позиции. Она што јавноста претпоставувам го знае, во повторната расправа во Парламентот ако дојде до пленарна расправа таму пратениците може да расправаат или да даваат амандмани само на она што јас сум го напишал во образложението.Тоа се три правни основи, не може на било која друга одредба или дел од законот“, изјави Пендаровски.

Можете да прочитате

1,95% ќе биде каматата за стопанството со 3 години грејс период и 15 години рок на отплата, рече Мицкоски

(Фото) Целиот состав на новиот Централен одбор на СДСМ

Трпезата за Нова година ќе биде поевтина? Се подготвува празнична потрошувачка со над 500 производи