Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи призна дека е предизвикана забуна откако Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) минатата недела издадоа упатство дека целосно вакцинираните луѓе во повеќето случаи не мора да носат заштитни маски, дури ни во затворен простор.
Фаучи, кој е и советник на претседателот Џо Бајден, за „Еј-би-си њуз“ изјави дека проблемот е во тоа што не е можно со сигурност да се знае кој од граѓаните е вакциниран, а кој не е, пренесува АП.
Тој изјави дека е сосема оправдано и разбирливо што некои компании или административни области во САД сè уште бараат да се носат заштитни маски, бидејќи тие не можат да бидат сигурни во историјата на вакцинација на секоја индивидуа, и тој особено истакна дека овие мерки треба првенствено да ги заштитат невакцинираните едни од други, дека вакцините обезбедуваат високо ниво на заштита на оние кои ги примиле.
Фаучи исто така рече дека децата кои не се имунизирани, вклучително и оние помлади од 12 години кои нема да ги исполнуваат условите за вакцина со месеци, треба да продолжат да носат маски во затворено.
Американскиот епидемиолог исто така верува дека оваа препорака ќе се менува во согласност со истражувања што ќе ги спроведува ЦДЦ и бројот на Американците имунизирани против Ковид-19.