Утрински Весник
Македонија

(Видео) Португалија е против вметнување на билатерални прашања во преговарачката рамка

(Видео) Португалија е против вметнување на билатерални прашања во преговарачката рамка

Премиерот Зоран Заев денеска во Брисел имаше средба и со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија која е претседавач со ЕУ во актуелниот мандат.

Како што информираат од владината прес-служба, Заев му ја пренел на португалскиот министер за надворешни работи пораката на единство на Македонците, Албанците и на сите други заедници во Северна Македонија околу процесите за европеизација на земјата во сите сфери на општеството, како обврска во постигнување на европските стандарди и дека земјата ги исполнила сите критериуми, потврдени и во извештаите на Европската Комисија и дека сега Брисел е на потег да испорача организирање на меѓувладината конференција за почеток на пристапниот процес.

„Сите сме единствени, европеизацијата треба да оди без обиди за загрозување на македонскиот идентитет и сите граѓани на Северна Македонија, без разлика на која етничка заедница припаѓаат, се единствени по ова прашање“, нагласил премиерот Заев на средбата.

Португалскиот министер го информирал Заев дека Португалија, како и другите земји членки на ЕУ се против вметнување на билатералните прашања во преговарачката рамка.

Силва за време на разговорот соопштил дека Португалија, како актуелен претседавач со ЕУ, има амбиција да ја одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија под португалско претседателство.

Тој уште додал дека неговата земја како претседавач со ЕУ се залага за заеднички почеток на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и Албанија и дека одвојувањето не е решение, односно дека нешто такво ќе создаде негативни консеквенции во целиот Западен Балкан.

Во македонската делегација, покрај премиерот, на средбата присуствувале и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ, Агнеза Руси-Поповска.

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје