Спортскиот директор на Интер, Бепе Марота, признава дека економската ситуација во клубот (но и во целиот светски фудбал) е катастрофална и дека од понеделник ќе почнат разговорите со фудбалерите за намалување на платите.
Пред 5:1 победата на тимот на Антонио Конте над Сампдорија во првиот меч откако ја обезбедија титулата, Марота во интервју за „Скај спорт Италија“ најави дека мора да има промени во тимот.
„Ова е фантастичен момент за прослава на сите во клубот и признание за напорите и за работата која е завршена. Сега е време за уживање во моментот, а не за расправање, но од следната недела ќе почнеме со разговорите во тимот. Ќе зборуваме со фудбалерите заедно со претседателот Стивен Жанг да ги запознаеме со финансиските тешкотии на Интер и на целиот фудбалски свет поради пандемијата“, вели Марота.
Тој ги уверува фудбалерите дека ќе ја добијат премијата за освојувањето на италијанската титула, но предупредува дека реалноста е „катастрофална“.
„Премиите ќе бидат исплатени бидејќи тие се резултат на успехот на тимот. Но, потоа ќе следува искрен разговор меѓу одговорни луѓе. Трошоците за плати се од 70 до 75 отсто од трошоците на клубот и ниту една компанија не може да работи под такви услови. Никој не е одговорен за тоа, но ситуацијата е катастрофална“, предупреди Марота.
> Интер вчера ја славеа титулата, од понеделник ќе кратат плати <