Утрински Весник
Македонија

Норвешка донира 100 респиратори за македонските болници

Норвешка донира 100 респиратори за македонските болници

Директоратот за здравство на Норвешка донира 100 респиратори за јавното здравство.

Министрите за одбрана и за здравство, Радмила Шекеринска и Венко Филипче, на денешното примопредавање на донацијата му се заблагодарија на одбранбеното аташе на Норвешка, потполковникот Егил Далтвеит за исклучителното залагање и за брзата и ефикасна организација на донацијата.

Шекеринска порача дека сета досегашна поддршка од Норвешка – медицинската помош, брзите тестови и, денеска, 100 респиратори, нема да биде заборавена и дека таа се должи на неколкумина исклучително посветени луѓе кои го засилиле пријателството помеѓу народите и државите.

Министерот Филипче рече дека овие респиратори се здравствен капацитет кој ќе има поширока примена и ќе се користи по завршувањето на оваа криза.

„Ова се респиратори кои што и после завршувањето на оваа криза, може да бидат составен дел од опремата на одделенијата за интензивна нега, обичните болнички одделенија сега скоро сите, а тоа се над 800 снабдени со централен довод на кислород“, рече Филипче.

Потполковникот Далтвеит изјави дека донацијата на респираторите во вредност од 600.000 евра е организирана за само неколку дена.

„Помеѓу вооружените сили на Северна Македонија и на Кралството Норвешка има одлична соработка, која уште повеќе се интензивираше од членството во НАТО“, порача Далтвеит.

Респираторите за итни случаи ќе бидат вклучени за транспорт на пацинети, но и во ковид центрите низ целата држава. Овие респиратори на почетокот од светската пандемија се конструирани на иницијатива на Норвешкиот институт за истражување во одбраната, а производител на респираторите е „Лаердал“ и „Серви груп“, водечки светски производител на хидраулика и пневматика за медицинска опрема.

Можете да прочитате

Тошковски: Апсењето во Струмица било филмско, планирале дрогата да ја изнесат од Македонија

Сиљановска-Давкова се сретна со Санчез, разговараа за македонската евроинтеграција и зголемувањето на економската соработка

КАМ соопшти дека на сите вработени за 2025 ќе им исплати рекорден К-15