Утрински Весник
Свет

Портпарол на ЕК: Прашањето за границите на Балканот е засекогаш затворено

Портпарол на ЕК: Прашањето за границите на Балканот е засекогаш затворено

Официјални претставници на Европската Унија (ЕУ) велат дека прашањето за границите на Западен Балкан е затворено прашање.

„Позицијата на ЕУ во врска со ова прашање е добро позната. Ние сме апсолутно против каква било промена на границите. Ова е нешто што можеме да го затвориме еднаш и засекогаш“, рече портпаролот на Европската комисија (ЕК), Ерик Мамер.

Тој ги изнесе наводите откако беше запрашан за таканаречениот „нон-пејпер на Јанша“, за кој регионалните медиуми објавија претходно во април, според кои словенечкиот премиер Јанез Јанша испратил документ во седиштето на ЕУ, тврдејќи дека дезинтеграцијата на поранешна Југославија не е завршена.

Портпаролот на ЕК повтори дека никој никогаш не го видел нон-пејперот во европските институции, ниту дека има такви идеи на европско ниво.

„За сите можни документи што пристигнале или ќе пристигнат – нашата позиција во врска со ова прашање (промена на границата) е крајно јасна“, рече Ерик Мамер, портпарол на ЕК.

Според регионалните медиуми, „нон-пејперот на Јанша“ наводно зборува за прецртување на границата меѓу Србија и Косово, а се предвидува и можност за отцепување на Република Српска, припојување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство кон Албанија и припојување на делови од БиХ, западна Херцеговина, кон Хрватска.

Европските официјални лица веднаш го демантираа постоењето на документот.

Можете да прочитате

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун посети воен погон за производство на модерни тенкови

Путин: Помирувањето меѓу Русија и Украина е неизбежно, тоа е прашање на време

Британската полиција уапси осум мажи осомничени за терористички активности