Утрински Весник
Економија

МФ И УНДП потпишаа меморандум за унапредување на фискалната децентрализација

МФ И УНДП потпишаа меморандум за унапредување на фискалната децентрализација

Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) ќе ги поддржи планираните реформи за унапредување на фискалната децентрализација и зајакнување на капацитетите на локалните власти, како и за градење на подобар систем на јавни финансии, воопшто.

За таа цел денеска помеѓу Министерството за финансии и УНДП беше потпишан Меморандум за разбирање, кој предвидува соработка во повеќе области.

Предвидена е поддршка во реформите на јавните финансии и фискалната децентрализација, зајакнување на фискалната автономија и капацитетите за прибирање на приходи на локалната самоуправа, размена на најдобрите практики за фискална децентрализација, спроведување на активности од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија и поддршка на развојот и либерализацијата на финансискиот пазар, велат двете страни.

„Спроведувањето на реформи за креирање на подобар систем на јавните финансии и фискалната децентрализација се меѓу врвните приоритети на Министерството за финансии. Со Меморандумот кој го потпишавме денеска се уредува соработката на Министерството за финансии со УНДП, која опфаќа навистина амбициозен план на активности, меѓу кои формирањето на фондовите за изедначување и за успешност кои ќе го подобрат пристапот до финасии на општините. Исто така, предвидени се активности за сузбивање на сивата економија, како креирање на дигитална платформа, како и активности за зајакнување на капацитетите за спроведување на новиот Закон за буџети, особено во делот на Фискалниот совет“, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.

Постојаната претставничка на УНДП Нарин Сахакјан посочи дека УНДП ќе го поддржи процесот на унапредување на фискалната децентрализација преку советодавна помош и пилот механизми за финансирање на јавни услуги на локално ниво.

„Денес ја реафирмиравме нашата заедничка заложба со Министерството за финансии да го забрзаме напредокот кон Целите за одржлив развој преку спроведување на ресонзивни и инклузивни политики, зголемување на отчетноста на јавните институции и забрзување на реформите во управувањето со јавните финансии и фискалната децентрализација“, рече Сахакјан.

Од двете страни беше посочено дека градењето на подобар систем на јавни финансии, преку спроведување на реформи во повеќе области, ќе придонесе до забрзан економски развој, што пак ќе придонесе за креирање на подобри услови за живот и раст на стандардот на граѓаните.

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија