Министерот за здравство, Венко Филипче, посочи дека значајно е намален бројот на прегледи и притисокот за прием на пациенти во сите ковид-центри низ државата.
Епидемиолошката ситуација стивнува, а во текот на викендот одредени одделенија коишто беа адаптирани за прием на ковид-пациенти ќе бидат ослободени односно ќе се вратат во регуларната рутина, подготвени за прием на пациенти.
„Во однос на епидемиолошката ситуација, во однос на капацитетите на болниците, се бележат трендови на опаѓање на бројот на новодијагностицирани случаи, нешто што е многу значајно. Се намалува бројот на прегледи во сите ковид-центри во сите градови, значајно намален е притисокот за прием на пациенти во болничките установи, иам голем број на слободни болнички кревети, а ние во рамките на таа прераспределба од денес односно викендов ќе започнеме и со ослободување на дел од одделенијата коишто беа ангажирани дополнително во овој период да третираат ковид-пациенти“, изјави Филипче.
Тој изрази уверување дека овие трендови ќе продолжат, а на почетокот од следната недела ќе стане збор и за типот на рестриктивни мерки што ќе бидат предложени.