Денес дознав дека деновиве ОЈО објавиле дека замрзнале наводен мој имот, односно земјиште и два помали стана кои ги бев изнајмил, а дел од нивните апологети во медиумите тоа го објавиле како сигурна информација, пишува на „Фејсбук“, поранештниот премиер во бегство, Никола Груевски.
„Невозможно е да замрзнале мој имот кој го немам и никогаш не бил моја сопственост, кој никогаш не сум го купил, ниту сум го платил, ниту поседувал, ниту бил на нечие друго име или слично. Тие си знаат чиј имот замрзнале, но мој сигурно не, и под кои услови и околности кон лицата чии имот го замрзнале, што им е договорот и со што ги уцениле па како резултат на тоа ги знаат и причините заради кои тие лица ‘не се жалеле’“, стои во објавата на Груевски.
Денес дознав дека деновиве ОЈО објавиле дека замрзнале наводен мој имот, односно земјиште и два помали стана кои ги бев…
Posted by Nikola Gruevski on Понеделник, 19 април 2021
Поранешниот премиер кој доби азил во Унгарија, тврди дека ОЈО под директива на власта со цел негова дискредитација има извршено уцени и жестоки притисоци.
„Некаде и со изрекување притвори, некаде со закана за долг притвор и потоа долгогодишен затвор, уништување на бизниси и жесток прогон кон одредени бизнисмени, нивни вработени и други, дел мене познати, а дел непознати лица, со цел да направат конструкција на база на изнудени лажни сведочења дека наводно тајно сум купил таков вид имот“, наведува експремиерот.
Тој тврди дека списокот на лица на кои се вршеле и понатаму се вршат тортури е долг.
„Како што стојат работите, повторно како во комунизмот ќе водат постапки со неколку уценети и од нив преплашени сведоци, кои се под големи закани и на кои подолг период им се барани слабости, грешки, или било што со што можат да бидат уценети, во смисла да не им се покрене прогон за истите, а за возврат тие да ги потврдат конструираните тези на обвинителството“, пишува Груевски.
На крајот од својата подолга објава тој посочува дека ќе дојде време кога, како што вели, на сето ова беснеење ќе има ревизија, но и ревизија на работењето и криминалот на актуелната власт.
„Од ден на ден нивниот страв расте. И ќе расте. Има причина за тоа. Доаѓа време кога сведоците, ама не лажни или уценети, туку реални и без страв, поткрепени со матерјални докази, ќе застанат наспроти нив“, заклучува поранешниот премиер во бегство.