Aвстриската полиција уапси 15-годишен Австриец со македонско потекло за закана за терористички напад во центарот на Виена, пренесе „Танјуг“.
Малолетникот се заканил дека ќе изврши терористички напад врз виенската катедрала Свети Стефан, бидејќи, наводно не добил одговор на пораките што му ги испратил на австрискиот канцелар, Себастијан Курц,
Тој е приведен, а полициските службеници во моментов проверуваат дали неговата закана е поврзана со исламски тероризам. По апсењето, малолетникот рекол дека немал намера да ја изврши својата закана и дека наводно станувало збор за „шега“. Тој исто така во полицијата изјавил дека не бил свесен за последиците од неговите постапки. Малолетникот сега е во притвор, а полицијата спроведува понатамошна истрага.
По терористичкиот напад во ноември, австриската полиција многу сериозно ја сфаќа секоја закана и дејствува многу побрзо од порано. Терористичкиот напад, во кој беа убиени четири лица, а дваесетина беа повредени, го изврши Австриец со албанско потекло.