Утрински Весник
Свет

Уапсени 10 пензионирани адмирали во Турција

Уапсени 10 пензионирани адмирали во Турција

Турската полиција уапси 10 пензионирани адмирали кои потпишаа писмо во одбрана на Конвенцијата во Монтре, пренесува Анадолија. Како што се наведува, во обвинителството се повикани на распит уште 4 адмирали.

Во неделата беше објавено писмо од 103 пензионирани турски адмирали, во кое Монтре се нарекува турска дипломатска победа, со која се враќаат суверените права на Анкара над Босфорот и Дарданелите и се потенцира недопуштеноста на дискусиите за ревидирање на договорот за проектот на каналот „Истамбул“ кој ќе поминува паралелно со Босфор и ќе ги поврзува Мраморното и Црното море.

Во писмото се изразува мислење дека е потребно да се зачува постојниот Устав на Турција, во време кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бара да се напише нов. Тие ги осудуваат обидите да се покаже како турските вооружени сили отстапуваат од заветот на основачот на републиката, Мустафа Кемал Ататурк“.

Обраќањето на адмиралот веќе наиде на осуда од страна на претседателот на парламентот на Турција, Мустафа Шентоп, потпретседателот, Фуат Октај, раководителот на одделот за комуникации во администрацијата на претседателот на Турција, Фахретин Алтун, портпарол на Претседател, Ибрахим Калин и неколку министри.

Министерството за одбрана во писмената изјава наведе дека авторите во обраќањето биле заслепени од зависта и дека тие не сакаат да ги видат успесите на вооружените сили на земјата, туку сакаат само да и наштетат на армијата и демократијата. Обвинителството во Анкара објави дека покренале истрага по овој повод.

Претходно, претседателот на Турција, Реџеп Таип Еердоган, изјави дека Конвенцијата во Монтре за режимот на минување на бродови преку Босфор нема да важи за новиот канал . Во исто време, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу истакна дека проектот нема за цел Турција да ја поништи споменатата конвенција. Рускиот амбасадор во Турција, Алексеј Јерхов рече дека изградбата на новиот канал нема да го промени меѓународниот правен режим на конвенцијата.

Да потсетиме, Конвенцијата во Монтре од 1936 година го дефинира статусот на Босфор и Дарданелите, а исто така го ограничува присуството на воени бродови на државите кои не се од Црното Море во водната област за период од три недели. Покрај тоа, конвенцијата предвидува дека до девет вакви бродови со вкупен тонаж што не надминува 30.000 тони може да бидат истовремено во Црното Море.

Можете да прочитате

Уште една европска земја воведува туристички такси

Путин: Ако Киев стане нуклеарна сила, Русија ќе го употреби целото свое оружје против Украина

Во Велика Британија почна судски процес против тројца Бугари обвинети за шпионажа за Русија