Вчера во денот кога починаа 50 наши сограѓани од Ковид-19, Заев и Филипче летаа со хеликоптер, потсети на денешениот прес, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.
„Доколку наместо за Заев и Филипче хеликоптер се пуштеше за некој од нив, може ќе беа денес живи“, рече Ристески.
Тој постави неколку прашања, кои како што рече, се од интерес и за македонската јавност.
„Дали Заев и Филипче за летање со хеликоптер потрошија 1.000.000 денари? Го платила ли тоа државата луксузот и желбата за адреналин на двајцата моторџии Заев и Филипче, кои во сред пандемија се однесуваат како да се холивудски ѕвезди? Еден час летање со хеликоптер чини околу 4.000 евра, хеликоптерот кој бил користен за летањето на Заев и Филипче се задржал повеќе од 5 часа, тоа се некаде повеќе од 1.000.000 денари, претпоставен трошок. Заев и Филипче мора да кажат дали ова вредеше? Вредеше ли народот да го плаќа нивното задоволство, неизживеаност и аздисување?“, запраша Ристески.
Според него, поголем број од луѓето кои починаа после 1 јануари оваа година, можеа да бидат спасени доколку се набавеа навреме вакцини и тие се вакцинирале.
„Дали наместо за вакцини државата троши пари за летање на Заев и Филипче? Колку вакцини прашувам ќе биле купени со повеќе од 1.000.000 денари? Ако земеме за релевантно дека поголемиот број на земји ја купиле кинеската вакцина за околу 20 долари, тоа не носи до бројка од 1.000 вакцини. Значи 1.000 животи можеби ќе беа спасени, со тие 1.000.000 денари потрошени вчера за летање на Заев и Филипче“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој потенцира дека наместо за борба против пандемијата, владата троши на непотребни работи за исполнување на лични задоволства.
Притоа го повика министерот за здравство Венко Филипче како што рече, веднаш и без размислување да си даде оставка.