Утрински Весник
Економија

Битиќи на средба со Француската агенција за развој

Битиќи на средба со Француската агенција за развој

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одржа работна средба со амбасадорот на Република Франција во нашата земја, Сирил Бомгартнер и делегација на Француската агенција за развој, предводена од регионалниот директор за Западен Балкан Доминик Отберг, на која се разговараше за евентуалните можности за соработка помеѓу нашата земја и Француската агенција за развој.

„Владата е посветена на реализација на проекти со кои ќе се подобруваат условите за живот на граѓаните на Република Македонија, а со кои воедно ќе се трасираи патот кон целосна интеграција на земјата во Европската Унија“, истакна во своето обраќање Битиќи, додавајќи дека влегувањето на Француската агенција за развој во Северна Македонија е чекор напред кон продлабочување на соработката помеѓу двете пријателски земји.

Амбасадорот Бомгартнер и регионалниот директор Отберг ја претставија мисијата на Француската агенција за развој и истакнаа дека станува збор за тело кое остварува меѓународни проекти кои се во согласност со политиките на Владата на Република Франција, кое е воспоставено пред повеќе од 80 години и има активности во над 100 земји во светот.

Според нив, со отворањето на регионалната канцеларија за Западен Балкан, пред околу една и пол година, Франција ја покажа својата силна намера да им помогне на земјите од регионот во подобрување на условите за живот и евро-интеграциските процеси, притоа почитувајќи ги одредбите од Парискиот договор.

Вицепремиерот Битиќи и претставниците на министерствата ги презентираа тековните и идните планирани проекти од инфраструктурата и социјалното домување, поддршка на младите и заштита на културното наследство, унапредување на правосудниот систем, рамномерниот регионален развој, земјоделството, здравството, заштитата на животна средина, енергетика и енергетска ефикасност и поддршка на претпријатијата.

Се согласија дека постои широк спектар на можности за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Франција, преку Француската развојна агенција, во годините што следат а пред се во интерес на создавање на подобри услови за живот на граѓаните, но и исполнувањето на критериумите за членството на земјата во ЕУ.

Можете да прочитате

Мицкоски очекува успешна сезона за лозарите

Трипуновски во посета на откупни центри за пченица во Пелагонискиот регион

Во Одборот на директори на ЗК Пелагонија влегува Јове Кекеновски