Шведската здравствена агенција побара од владата да го одложи за речиси еден месец планираното олеснување на некои ограничувања насочени кон забавување на ширењето на Ковид-19, бидејќи земјата се соочува со трет бран на вирусот.
Шведската агенција претходно предложи некои ограничувања, како ограничување на бројот на посетители на забавни паркови, концерти и фудбалски натпревари на само осум лица, да бидат укинати од 11 април, пренесува „Ројтерс“.
„Ширењето на Ковид-19 се забрзува, што резултира со зголемен товар на здравствената заштита“, се наведува во новото соопштение на здравствената агенција.
Затоа, шведската агенција за јавно здравје предлага датумот кога одредени активности би можеле да се отворат, да се одложи за 3 мај, под услов состојбата со заразата да се подобри – се додава во соопштението.
Шведска во голема мера се потпираше на доброволни мерки за забавување на пандемијата, но постепено ги зголеми ограничувањата откако стапката на зараза се забрза кон крајот на минатата година.