Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими командантот на сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој е во работна посета на земјава по повод одбележувањето на годишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО и затворањето на НАТО канцеларијата за врски.
На средбата беше изразено задоволство од исклучително високото ниво на односи меѓу Република Северна Македонија и Алијансата и беа разменети мислења и информации за соработката на Република Северна Македонија со Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол.
Претседателот Пендаровски ја поздрави поддршката што Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол ја дава за успешно завршување на процесот на нашето воено интегрирање во Алијансата.
„Одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион претставува колективен интерес на сите. Република Северна Македонија е подготвена да продолжи со реформите во одбраната и модернизација на Армијата согласно сите НАТО стандарди, кои истовремено овозможуваат државата да ги проектира и заштити своите витални национални интереси и да ја зајакне својата геополитичка и гоестратегиска положба“, истакна претседателот Пендаровски, додавајќи дека нашата земја во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на Алијансата.
Во таа насока, Претседателот истакна дека Република Северна Македонија и во иднина ќе продолжи активно да учествува во мисијата на КФОР во Република Косово, која е под директна команда на Неапол, и да обезбедува логистичка и медицинска поддршка на Алијансата, односно на НАТО предводената операција на Косово, каде е предвидено и зголемување на бројот на македонските припадници.
Соговорниците дискутираа за можностите за продлабочување на регионалната соработка и учество во регионалните НАТО инцијативи и партнерства, кои би ја зајакнале стабилноста во регионот и во кои би можеле да го пласираме нашето искуство како нова земја членка на НАТО. Во таа насока, беа разгледани можностите за проширување на учеството на Република Северна Македонија во меѓународните мировни мисии предводени од Алијансата.