Утрински Весник
Македонија

Повеќе локации во Скопје и Охрид утре ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја

Повеќе локации во Скопје и Охрид утре ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја

Дванаесета година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 180 земји и 7.000 града ширум светот.

Во мрак ќе потонат повеќе локации во Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила Водно, Владата, плоштадот Македонија, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта Македонија, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловата тврдина, кејот Македонија и црквите Света Софија, Плаошник и Канео.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со Ковид-19, оваа година преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

И оваа година акцијата ќе биде одбележана виртуелно, со одржување на првата дигитална климатска конференција во Македонија, под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“, која ќе се емитува во живо оваа сабота во 19:30 на фејсбук профилот на Часот на планетата Земја.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.

Можете да прочитате

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал