Заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин учествуваше на онлајн средба во организација на движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост „ПРКОС“.
По повод 25-ти март, денот за подигање на свеста за церебрална парализа, заменикот-министер истакна дека Министерството за труд и социјална политика и во услови на пандемија и корона кризата, посебен фокус стави на заштита на децата и лицата со попреченост.
„Министерството за труд и социјална политика во дел од социјалната реформа која што ја спроведува опфаќа и обезбедување на поддршка за децата и семејствата кои имаат потреба од нивно вклучување во активности надвор од домот, како што се дневните центри,“истакна Хусејин.
Тој посочи дека на тој начин се овозможува за децата и лицата со церебрална парализа да се зголеми вклученоста во заедницата.
„Се намалува старосната граница од 18 на 6 годишна возраст на децата со попреченост за користење на услугата личен асистент која наскоро ќе биде достапна за сите оние на кои што им е потребна,“ потенцираше Хусејин.
според него, со новиот Закон за социјална заштита се воведуваат нови права кои што не биле предвидени, како што е правото на паричен надоместок за попреченост, кое што порано е користено само од лицата со најтешка телесна и сетилна попреченост, а сега е проширено и на лицата со тешка или длабока интелектуална попреченост. Потоа, услугите за лична асистенција и услугата за помош и нега во домот, услугата за одмена на семејна грижа, рехабилитација и реинтеграција на лица кои се соочуваат со социјални или здравствени проблеми, психо-социјална поддршка, терапевтска работа, работно-окупациона терапија, поддршка за стекнување на работни вештини и вештини за вработување, реинтеграција и самостојно живеење.