Претседателот на САД, Џо Бајден, го опиша повлекувањето на Турција од Истанбулската конвенција против насилството врз жените како длабоко разочарување и како чекор назад во напорите да се запре насилството врз жените.
„Земјите треба да работат на зајакнување и обновување на нивната посветеност за ставање крај на насилството врз жените, наместо да ги отфрлаат меѓународните договори создадени за да ги заштитат жените и да ги направат сторителите одговорни“, рече Бајден во изјавата.
„Ова е обесхрабрувачки чекор наназад за меѓународното движење да стави крај на насилството врз жените на глобално ниво“, истакна Бајден, објави Ројтерс.
Турција преку ноќ се повлече од Истанбулската конвенција за правата на жените, која има за цел да ги заштити жените од насилство.
Како што се наведува, одлуката за напуштање на Истанбулската конвенција е донесена во време кога бројот на убиени жени се зголемува со години, што предизвика негодување кај организациите за заштита на правата на жените и критики кон Европската Унија.