Капитенот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Војдан Стојановски, потврдил дека оваа сезона за него е завршена. Стојановски ги скинал предните вкрстени лигаменти во коленот, на еден од клупските тренинзи.
Дополнителните прегледи, само потврдиле дека кошаркарот на Гравлен ќе биде отсутен од кошаркарските терени најмалку шест месеци.
„Се случи во оние моменти кога најмалку очекуваш, односно дека некој може да се повреди во таква, обична ситуација на еден едночасовен тренинг кој може да се опише како лесен. Одеднаш почувствував како левото колено ‘излезе’ од некоја нормална положба. Знаев дека нешто не е во ред, и како што треба. Лекарскиот тим веднаш организираше снимање со кое беше потврдено кинење на предниот вкрстен лигамент на коленото. Тоа е животот, ако ништо друго ќе земам одмор, макар и ваков, кој ми беше потребен. Се надевам дека во наредните денови менаџментот на клубот ќе ја организира операцијата. Сакам да го решам тоа што е можно побрзо. Да влезам во процес на рехабилитација, и да се вратам посилен од било кога “- потврдува нашиот капитен за тешката повреда.
Повредата на Војдан Сотјановски е голем удар за репрезентацијата, кој во текот на летото, го чекаат натпреварите од втората фаза на претквалификациите за пласман на Светскиот Куп во 2023 година, а потоа и стартот на квалификациите за ЕП.
> Заврши сезоната за Војдан Стојановски <