Во Србија се извршени вкупно 2.112.074 вакцинации, а две дози примиле 826.851 граѓани.
Во однос на бројот на вакцинации на милион жители, Србија е втора во Европа, по Велика Британија, а кога станува збор за бројот на дадена втора доза на милион жители, Србија е сè уште прва во Европа и седма во светот.
По одлуката на Европската агенција за лекови дека вакцината на компанијата „Астра зенека“ е безбедна и ефикасна, во Србија денеска ќе бидат отворени две нови локации во Белград и Нови Сад, каде граѓаните ќе можат да ја примаат оваа вакцина без претходно закажување.
Но и покрај масовната вакцинација, бројот на хоспитализирани пациенти со коронавирус расте.
Вчера во Србија се потврдени 5.346 лица новозаразени со коронавирус, додека 30 заразени пациенти починале.
Министерството за здравство на Србија објави дека 5.099 пациенти се наоѓаат во болница, од кои 222 се на респиратори.
Анестезиологот Дејан Марковиќ, раководител на одделот за интензивна нега во ковид-болницата во Батајница, вели дека сега ситуацијата со некои пациенти се комплицира многу побрзо и дека тие мора да бидат хоспитализирани на вториот или третиот ден по појавата на симптомите.