Утрински Весник
Свет

Започна ново судење за Саркози, му се суди за незаконско финансирање на изборната кампања

Започна ново судење за Саркози, му се суди за незаконско финансирање на изборната кампања

Започна судењето на поранешниот француски претседател Никола Саркози во Париз.

На Саркози му се суди за нелегално финансирање на изборната кампања, две недели откако во одделен случај беше осуден за корупција.

Саркози (66) не се појави на суд, јавија новинските агенции.

Поранешниот француски претседател е обвинет дека потрошил 20 милиони евра повеќе отколку што е законски дозволено во изборната кампања за новиот мандат во 2012 година.

Други 13 лица се обвинети за измама или помагање.

Таканаречената афера „Бигмалион“, именувана по агенцијата за комуникации која е инволвирана во случајот, вклучува издавање лажни фактури за да се одржат трошоците за кампања на Саркози под законскиот праг од 22,5 милиони евра.

Пресудата се очекува кон средината на април, но медиумите пишуваат дека судењето може да се одложи веднаш штом ќе започне затоа што му се слошило на еден од бранителите на Саркози.

На Саркози, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, му се заканува една година затвор и парична казна од 3.750 евра, пишуваат француските медиуми.

Поранешниот претседател веќе беше осуден на почетокот на март на три години затвор, од кои две беа условни, за случај на корупција.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков