Утрински Весник
Македонија

Нов ветерен парк со моќност од 30 мегавати ќе се гради во Богданци, странска инвестиција од 40 милиони евра

Нов ветерен парк со моќност од 30 мегавати ќе се гради во Богданци, странска инвестиција од 40 милиони евра

Премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Богданци Блаже Шапов и директорот на словенечката компанија „Интеренерго“ Блаж Штерк денеска ја промовираа изградбата на новиот ветерен парк „Гевгелија“ со моќност од 30 мегавати. Станува збор за инвестиција од 40 милиони евра, која ќе се гради на локација меѓу селата Стојаково и Селемли во Општина Богданци, во близина на границата со Грција.

Вториот по ред ветерен парк во Богданци ќе произведува 72 гигават часови електрична енергија, која што ќе биде доволна за снабдување на 18.000 домаќинства. Инвестицијата треба да се заврши во рок не подолг од две години, односно најдоцна до 2023 година. Ветерниот парк ќе се состои од шест ветерни турбини, при што за самата изградба на енергетскиот капацитет до максимум ќе се користат локални изведувачи.

„Деновите на производство на електрична енергија од фосилни горива изминуваат“, изјави премиерот Зоран Заев.

Тој воедно додаде дека во Богданци ќе следува довршувањето на втората фаза од изградбата на ветерниот парк на АД ЕСМ, со која ќе се изведат четири дополнителни ветерни турбини во вредност од 21 милион евра. Со ова, првичниот ветерен парк на АД ЕСМ ќе добие дополнителна моќност од 13,2 мегавати за производство на електрична енергија.

Премиерот Зоран Заев рече државата енергетска компанија е при крај со повратот на инвестицијата по 6-7 години работење на ветерниот парк во Богданци, во кој првично се инвестираа 55 милиони евра.

„Имаме потенцијали да ја користиме енергијата на ветерот“, порача премиерот Заев, додавајќи дека истражувањата покажале 15-тина поволни локации низ целата земја за изградба на ветерни електрани.

Премиерот Заев рече дека со инвеститорите во новиот ветерен парк во Богданци е потпишан меморандум за соработка во полето на енергетиката во ноември минатата година и се надева дека во наредниот период ќе продолжи трагањето по локации за изградба на ветерници и искористување на другите обновливи извори на енергија.

Директорот на словенечката компанија „Интеренерго“ Блаж Штерк изјави дека станува збор за заедничка инвестиција на „Интеренерго“ од Љубљана со германскиот партнер „Тригал“.

„Имаме огромно корпоративно искуство во менаџирање на слични проекти“, изјави директото Блаж Штерк.

Тој додаде дека „Интеренерго“ од Љубљана се 100 отсто капитално поврзани со компанијата „Келаг“ од Австрија и се 10 години активни во доменот на трговија со електрична енергија во Македонија.

Градоначалникот на општина Богданци, Блаже Шапов изрази надеж дека изградбата на втор ветерен парк во Богданци ќе претставува стимул и за нови странски инвестиции во наредниот период, и тоа не само во делот на искористување на ветерната енергија, туку и за развој на енергетски капацитети за ползување на сонцето како извор на енергија.

Градоначалникот Шапов најави дека со двата инвеститора во ветерните паркови ќе се разговара во иднина токму Богданци да биде локацијата за изработка на резервни делови и за сервисирање на опремата што ќе биде вградена во двата енергетски капацитети.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме