„Нетфликс“ минатиот месец соопшти дека „Бриџертон“ е најгледаната серија во историјата на мрежата, гледана во над 83 милиони домаќинства низ светот.
Оваа историска или ретро верзија на „Озборувачка“ остави посебен впечаток кај гледачите, особено кај женскиот пол.
Мини-серијата е екранизиран љубовен роман со интересен кастинг и импозантна костимографија, што е доволно за одлична релаксација и бегство од секојдневието.
Но, многумина го делат мислењето дека за рекордната гледаност на серијата на „Нетфликс“ влијание има и главниот лик – војводата Хејстинг, кого го глуми релативно непознат актер, Реге Жан Пејџ.
Оваа серија му донесе неверојатна популарност, па веќе е меѓу главните фаворити да биде следниот 007.
31-годишниот актер е роден во Лондон. Неговата мајка е родена во Зимбабве, а татко му е Англичанец, свештеник. Детството го поминал во Зимбабве, и вели дека за него тоа е најубавата земја.
„Секој тоа го вели за својата земја, но објективно, мојата земја е прекрасна. Луѓето таму се љубезни и дарежливи, многу поразлични од оние со кое се соочив подоцна – груби, студени луѓе, таблоидите цитираат негова изјава дадена пред да стане популарен.
Неоспорен е фактот дека „Бриџертон“ му донесе голем пробив во кариерата. „Нетфликс“ ја најави втората сезона на серијата, а многу од тие што веќе ја гледале првата велат дека токму актерот е главната причина поради која би продолжиле да ја гледаат.
Таблоидите открија дека неговата популарност на социјалните мрежи нагло пораснала по емитувањето на петтата епизода, во која ја има првата секс сцена. Актерот, наводно, преку ноќ добил неколку милиони следачи на Инстаграм по оваа епизода.
Првата сезона, заснована врз првата книга на Џулија Квин, со наслов „Јас и војводата“ (The Duke and I) се фокусираше на комплицираната романса меѓу најстарата ќерка на семејството Бриџертон, Дафне и војводата од Хејстингс, Сајмон Басет.
Втората сезона ќе ја следи втората книга во книжевниот серијал „Бриџертон“ насловена „Виконтот кој ме сакаше“ (The Viscount Who Loved Me).