Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од утре ќе престојува во работна посета на Швајцарија и Шпанија.
„Во рамките на престојот во Берн, министерот Османи ќе оствари средба со бројни здруженија на граѓани и членови на нашата дијаспора од кои ќе побара поддршка за процесот на Попис 2021“, соопшти Министерството за надворешни работи.
За време на престојот во Швајцарија, Османи ќе се сретне и со својот колега, сојузниот министер за надворешни работи на Швајцарија, Игнацио Касис. Тема на разговорите ќе биде севкупниот развој на односите меѓу двете земји, со посебен фокус на билатералната развојна помош на Швајцарија кон Република Северна Македонија.
Директно од Швајцарија, министерот Османи патува за Мадрид на средба со својот домаќин, министерката за надворешни работи, Европска унија и соработка на Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја. Османи во Мадрид ќе се сретне и со Аурора Мехија, Директор за Европска унија и главен советник во кабинетот на претседателот на Владата, Педро Санчез, а ќе има средба и со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонеси. Главен акцент во разговорите ќе бидат билатералните односи, економската соработка и европските перспективи на државата.
Во рамките на престојот во Мадрид, Османи ќе се сретне и со директорот на Светската туристичка организација Зураб Пололикашвили, а ќе има одделни средби и со претставници на дијаспората на Република Северна Македонија во Шпанија.
Работните посети на Османи на Швајцарија и Шпанија се дел од дипломатските активности за презентација на европското досие на земјата, но и во насока на мобилизација на нашата дијаспора за вклучување во процесот на само-попишување во рамките на Попис 2021.