Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, учествуваше на панел-дискусијата нa тема „ Монетарната политика во 2021 година“.
Учесниците на дискусијата, како што соопштуваат од нејзиниот кабинет, разговарале за прашања поврзани со последиците од корона-кризата врз економскиот раст во изминатата година и економските изгледи за оваа година, а посебно биле разгледани досегашните монетарни мерки и очекувањата за монетарната поставеност во следниот период.
Во своето излагање, Митреска истакна дека и во услови на корона-криза, македонската економија поминува релативно подобро во однос на дел од земјите во регионот.
„Со олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот и повторното активирање на глобалните синџири на производство, падот на економијата во втората половина од годината значително забави. Со оглед на вклученоста во глобалните синџири на производство и со помалото учество на услугите во вкупните текови, економијата на кус рок полесно го издржа товарот на кризата“, посочи вицегувернерката.
Во однос на изгледите за оваа година, на панел-дискусијата беа посочени очекувањата за закрепнување, задржување на поволните финансиски услови и натамошно зајакнување на довербата, што ќе има позитивни преносни ефекти и врз домашната економија.
„Слично како и другите централни банки, Народната банка во 2020 година обезбеди монетарен стимул и регулаторна флексибилност, со што ѝ даде важна поддршка на економијата преку олабавување на финансиските услови и обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем“, истакна Митреска во поглед на прашањето за монетарната политика.
Во однос на идната монетарна поставеност, вицегувернерката посочи дека монетарната политика и натаму ќе биде олабавена како поддршка во процесот на закрепнување на економијата и одржување на кредитниот циклус, а во услови на комфорно ниво на девизните резерви. Таа истакна дека задржувањето на кредитниот циклус е одраз и на поволната ликвидносна и капитална позиција на банкарскиот систем.