Започнува “Тука живеам, одлучувам, постојам“, кампања на Агенцијата за остварување права на зедниците за Пописот 2021.
Слоганот е креиран и спроведен од Агенцијата за остварување на правата на заедниците во Република Северна Македонија со финансиска поддршка од Европска Унија.
„За Агенцијата за остварување на правата на заедниците сите етнички заедници се важни и придонесуваат за социо-економскиот, културниот, правниот како и политичкиот раст на Република Северна Македонија. Затоа важно е на пописот да покажеме дека ние тука живееме, одлучуваме, постоиме“, вели Еран Куртиш, директор на Агенцијата.
Во кампањата како претставник на турската заедница е вклучена студентката Елиф Илијаз, од влашката заедница новинарката и уредничка Јана Михаилова, од ромската заедница студентката Џемилиана Абдулова, од бошњачката заедница правничката Мерсиха Смаиловиќ, од српската заедница преведувачот Стефан Радуловиќ, како и Мирољуб Орландиќ кој е претседател на Мрежа за мултикултурно општество.
„Република Северна Македонија е мултикултурна држава. Во неа живеат многу различни етнички заедници, кои зборуваат на многу различни јазици и за нив пописот е важен. На овој попис секој треба слободно да си ја искаже својата етничка припадност“, истакна Орландиќ.
Според Агенцијата најважно е на овој Попис малубројните заедници да покажат дека сите заедно можеме да ги креираме политиките во државава.