Утрински Весник
Култура

Онлајн дискусија со Вангел Ноневски за семантичките аспекти во потеклото на хип хоп ремиксот

Онлајн дискусија со Вангел Ноневски за семантичките аспекти во потеклото на хип хоп ремиксот

КСП Центар-Јадро најавува онлајн дискусија со Вангел Ноневски за семантичките аспекти во потеклото на хип хоп ремиксот, која ќе се одржи денес со почеток од 18:00 часот.

Од појавата на дадаизмот, повеќето современи уметности се проткаени со духот на директна и/или индиректна медијација. Имено, уметничките дела денес претставуваат колажи или рециклирани производи на постојни дела. Во овој поглед, пронаоѓањето на грамофонот има клучна и незаменлива улога во однос на хип хоп/ремикс културата. Кредото на ремикс културата – да се создаде нешто ново од постојното – стана парадигма на денешната музичка сцена. Сепак, поминаа неколку децении откако глобалната култура ја загуби вербата во потрагата по „новото“, без оглед дали тоа се бараше во уметноста, забавната индустрија или музиката. Воопшто не треба да жалиме по загубата на таа вера. Верата во новото е вера во суверениот автор-бог и во концептот на комплетно и завршено уметничко дело. Суверениот автор, кој во пред-модерниот период беше идентификуван како носител на неспорното семантичко значење на уметничкото дело, е изгубен во процесот на ремиксувањето. Штом некое дело е подложно на репродукција, тоа значи дека е лишено од неговиот автор како единствен деноминирачки фактор на семантичка резонанца. И тука настапува DJ-от, кој миксува и манипулира со композиции, со што тој го заменува авторот како семантички атрибут-фактор, а тој однос уште повеќе се демократизира и либерализира кога забележуваме дека DJ-ите миксуваат музика според реакциите на посетителите на забавите во дискотеките. Според тоа, семантичкото значење на современото музичко (хип хоп) дело станува проширено и подложно на потенцијално бесконечна (ре)контекстуализација.

Вангел Ноневски е роден 1977 година во Белград. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. За време на студиите, повеќе од една година работел како водител во македонското радио Канал 103. Досега има издадено три авторски книги: Музички бриколаж (2003 година, Магор), Грамофонот како метаинструмент: од механичка репродукција до ремикс култура (2014 година, Аксиома) и Киборшка естетика: ремикс апропријација на уметноста (2018 година, Аксиома); и приредено еден зборник: Грамофонот како метаинструмент (2014 година, Аксиома). Неговите интереси и активности се од областите на културата и студиите на ремиксот (од Марсел Дишан, преку Grandmaster Flash, до дигитално-вмреженото село); естетиката и интердисциплинарните студии на интерактивните уметности (од конструираното искуство до еманципацијата и назад); модерната и современата уметност и нејзиниот однос кон семиологијата (од Бенјамин до Дерида и отаде); културните студии (истражувања засновани на филозофијата, современата популарна култура и медиологијата); теоријата на модерната архитектура и јавниот простор; и сè она што влегува во пукнатините меѓу нив… што и да е тоа. Од 2012 до 2018 година бил професор на Универзитетот „Евро-Балкан“ во Скопје, а од 2015 до 2018 година визитинг професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје. Од 2018 година работи како вонреден професор на Институтот за филозофија, при Филозофскиот факултет во Скопје, каде предава Естетика, Филозофија на културата и Филозофска антропологија. На Архитектонскиот факултет во Скопје е визитинг професор на предметот Естетика.

Дискусијата ќе ја модерира Ѓорги Пулевски.

Текстот Онлајн дискусија со Вангел Ноневски за семантичките аспекти во потеклото на хип хоп ремиксот е превземен од МАКФАКС.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“